Агенцијата за вработување ќе се реформира преку проект на Европската унија вреден 1,2 милиони евра. Целта е Агенцијата да ги зајакне капацитетите, да направи анализа на мерките што сега ги спроведува и да понуди нови за на луѓето што бараат работа им го олесни пристапот до ново работно место. Средствата се од фондовите на Европската унија, а нејзините центри треба да го подобрат пристапот на невработените лица на пазарот на труд преку проектот „Поддршка на АВРМ за имплементација на активни мерки и услуги на пазарот на труд“, кој беше презентиран денеска во Скопје од страна на министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, амбасадорот на Германија, Кристине Алтхаузер, раководителот на одделот за соработка - Делегацијата на Европската унија, Мартин Клауке и директорот на Агенцијата за вработување на Македонија, Влатко Поповски.
Агенцијата за вработување ќе се реформира преку проект на Европската унија вреден 1,2 милиони евра. Целта е Агенцијата да ги зајакне капацитетите, да направи анализа на мерките што сега ги спроведува и да понуди нови за на луѓето што бараат работа им го олесни пристапот до ново работно место.
Средствата се од фондовите на Европската унија, а нејзините центри треба да го подобрат пристапот на невработените лица на пазарот на труд преку проектот „Поддршка на АВРМ за имплементација на активни мерки и услуги на пазарот на труд“, кој беше презентиран денеска во Скопје од страна на министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, амбасадорот на Германија, Кристине Алтхаузер, раководителот на одделот за соработка - Делегацијата на Европската унија, Мартин Клауке и директорот на Агенцијата за вработување на Македонија, Влатко Поповски.
Со проектот, кој ќе се спроведува во наредните 24 месеци, предвидени се обуки за вработените од АВРМ и социјалните партнери и размена на практики и искуства од ЕУ во насока на подобрување на постојните мерки, но и креирање нови иновациски мерки за вработување.
Ќе се направи и истражување за досегашната имплементација на одредени активни мерки за вработување, односно за нивната целисходност и ефикасност, што треба да послужи како основа за воведување нови мерки за вработување, односно за продолжување на мерките кои дале добри резултати.
Овој проект, како што посочи министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, е продолжение на континуираниот процес на активностите насочени кон подобрување на квалитетот ефикасноста и ефективноста на услугите на АВРМ. Според него ваквите проекти се во склад со активностите и мерките на Владата за намалување на стапката на невработеност и подобрување на животот на граѓаните. За таа цел, рече од 2007 година наваму се носат оперативни планови за импементација на посебни мерки и политики за вработување финансирани од буџетот.
„Досегашното искуство покажа дека планираните програми и мерки целосно се реализираат, со што се влијае на можностите за вработување, се подобруваат знаењата и вештините на невработените лица, се поттикнува вработувањето и се овозможува полесен пристап и вклучување на невработените лица до пазарот на труд“, рече Спасов.
Тој истакна дека од 2007 година досега со владините мерки и програми се опфатени 72.010 невработени лица, а се реализирани над 40.000 вработувања.
„Покрај постојните мерки за вработување, како што се поддршката на долгорочно невработените лица, ранливи групи и млади, самовработување и практиканство, субенционирано вработување се јавува потребата за поддршка и имплементација на нови активни мерки за вработување. Во таа насока поддршката преку ИПА проектите на политики за вработувања, меѓу кои и овој твининг-проект е од големо значење за имплементација на програмите и мерките за вработување, туку и да се подобрат механизмите за следење на ефектите од постојните мерки за вработување и дефинирање нови мерки“, рече Спасов.
Мартин Клауке од Делегацијата на Европската унија во Македонија истакна дека целта на проектот е да придонесе за зголемување на вработеноста и унапредување на животниот стандард на луѓето.
„Иако во последните години има подобрувања на активните мерки на пазарот на трудот, сепак стапката на невработеност е се' уште висока. Затоа се потребни вакви проекти со кои ќе се даде поддршка на АВРМ и всушност ќе се овозможи подобрување и модернизирање на јавниот сектор и услугите на јавните институции“, рече Клауке.
Според него со проектот ќе се подобри понудата и побарувачката на пазарот на труд за овозможување нови мерки и услуги на пазарот на трудот и доближување до стандардите на ЕУ.